Во рамките на 28-та редовна online седница на Националната канцеларија за бродбенд компетентност (НКБК), која се одржа на 22 април 2021 година, се отвори дискусија за идната соработка на телото со Центарот за управување со кризи и Град Скопје.
Душко Петровски од ЦУК даде краток осврт на активностите и проектите на Центарот за управување со кризи, со акцент на проектот Систем за итни повици 112, кој се очекува да заврши до крајот на годината и ќе се одвива преку осум оперативни центри за кои е потребно телекомуникациско поврзување. Членовите на НКБК истакнаа дека фокус на телото е имплементација на НОБП, односно изградба на Националната транспортна оптичка мрежа (НТОМ) за поврзување на институциите во државата. Со цел да се обезбеди синергија и координација во имплементацијата на НОБП и потребите на ЦУК од телекомуникациско поврзување беше договорено одржување на посебен состанок.
На седницата на НКБК учество зеде и претставникот на Град Скопје, Александар Јанакиевски, кој ги објасни законските надлежности на Градот за поставување на оптички кабли/кабелска канализација и дека локалната самоуправа е подготвена да да даде придонес при реализацијата на Националниот оперативен бродбенд план.
Претседателот на НКБК, Димитар Буковалов, се осврна на проектот Skopje Smart City од аспект на обезбедување на WiFi поврзување на одредени локации во градот. Согласно НОБП и и Програмата за работа на Владата се планира обезбедување на државен бесплатен WiFi, па оттука во иднина корисно би било да се координираат активностите, со цел да нема преклопување на активностите.